четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Пред точно две години беа регистрирани првите два случаи со коронавирусот во Албанија

Пред точно две години беа регистрирани првите два случаи со коронавирусот во Албанија

На денешен ден, пред две години во Албанија потврдени беа првите два случаи со Ковид-19, иако во поблага форма со опасниот вирус земјата се соочува и понатаму.

Првите два случаи беа татко и син од Тирана, кај кои вирусот беше дијагностициран по нивното враќање од Италија, по кои следеа десетици други заразени, на 13 март и првата жртва, 73-годишна жена во Драч а потоа и воведување карантински и антиковид мерки. Целиот тек на живот се смени со доаѓањето на пандемијата, идентично како и насекаде во светот. Од страв од инфекција се создаде дистанца, граѓаните беа посвесни, а онлајн работата стана дел од животот.

Во земјата, каде сè уште не беа залечени раните од катастрофалниот земјотрес, од 26 ноември 2019, што предизвика 51 жртва и остави илјадници семејства без покрив над глава, пандемијата донесе и пад на економијата, клуч на врата ставија илјадници правни субјекти а без работа останаа над 70 илјади граѓани. Официјалната статистика на министерството за здравство од почетокот на пандемијата, регистрирани се 272.337 позитивни случаи, излечени се 267.672 , додека починале 3.483, меѓу кои и лекари и медицински сестри, просветни работници, медиумски работници. Моментно активни на болеста се 1.182, најмногу во Тирана, 328 и Фиер 301лице. Наспроти официјалната бројка, во анализата на престижниот британски весник „Економист“ во обработката на податоци од 186 земји во светот, проценува дека реалниот број на починати од пандемијата во Албанија се движи од 12 до 15 илјади.

И албанските здравствени експерти од оваа област, како и поранешни министри за здравство, во повеќе наврати посочуваа дека реалната бројка на починати како последица од опасниот вирус е неколкупати повисока од официјално соопштената.

– Во Албанија од Ковид имаме над 16 илјади загубени живот, меѓу нив 50 лекари. Бројка која се крие од надлежните. Тие ги евидентираат само починатите во болнички услови, но не сите, односно само оние кои немале други заболувања, туку биле заразени само од овој вирус. Надлежните ја прикриваат и вкупната реална бројка на позитивни, изјави неодамна Тритан Шеху, поранешен албански министер за здравство, познат лекар анестезиолог-реаниматор и универзитетски професор.

Неодамна и албанската академија на науките излезе со податок дека во земјата бројот на заразени со Ковид-19 е трипати повисока од официјално објавената. По речиси две години, на 2 март Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата донесе одлука заукинување на полицискиот час, кога движењето на граѓаните беше огранчено од 23 до 6 часот наутро, освен во итни случаи. Сè уште е во сила носење заштитна маска во затворени простории или на места каде што не може да се одржи растојание. Исто така, беше одлучено да се намали времето на изолација за оние кои се погодени од Ковид-19 на пет дена и да се аплицира третата доза пет месеци по втората доза. На активност по повод две години пандемија во земјата министерката за здравство Огерта Манастирлиу меѓу другото искажа почит и благодарност за здравсвените работници.

-Во овие две години 771 лекар беа ангажирани во првата линија, 1.936 медицински сестри, лаборанти и фармацевти, 134 епидемиолози и 979 помошен персонал, кои заслужуваат најголема почит. За тестирање служеа 4 јавни лаборатории, а во заедницата се формирани 230 пунктови за тестирање за рано откривање и изолирање на случаи на ковид. Зајакнати се капацитетите со 550 кревети во 4 болници за Ковид во Тирана и вкупно 1.600 легла опремени во регионалните болници, со што се обезбеди двојно зголемување на капацитетите за интензивна нега, рече таа.

Иако во последните две недели видно е намален бројот на нови случаи, таа апелира до граѓаните за имунизација зашто „веројатно ќе коегзистираме со овој вирус долго време“.

-Сега кога акутната фаза на пандемијата се чини е кон изумирање, нашиот предизвик не е завршен. Ќе продолжиме со нашите напори без запирање со Националната програма за вакцинација како единствен начин да се затвори страницата на пандемијата еднаш засекогаш. Иако, како што проценуваат експертите, веројатно ќе коегзистираме со овој вирус долго време, нагласи Манастирлиу.

Додаде дека албанската влада досега има обезбедено 5 милиони дози вакцина а со две дози е опфатено над 45 отсто од населението.