Претставници и лекари од Националната организација за јавно здравје на Грција, во придружба на волонтери-лекари и болничари од невладината организација „Axion Hellas“, со пловни здравствени единици вршат тестирање на локалното население на 16 мали грчки острови, со цел надлежните да имаат целосна епидемиолошка слика во пресрет на туристичката сезона, јави дописничката на МИА од Атина.
Се спроведуваат молекуларни тестови, но и тестови за антитела, а ова е втора ваква активност, откако во првата беа тестирани жителите на четири мали острови.
Заедно со лекарите и волонтерите од здравствените пловни единици се и заменик министерот за здравство, како и претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција.
Во период од една седмица, заклучно со 12 јуни, ќе се тестира локалното население од островите Куфонисиа, Анафи, Схинуса, Ираклиа, Донуса, Аморгос, Кинарос, Левитиа, Патмос, Агатониси, Арки, Липси, Псеримос, Тилос, Кастелоризо и Халки.
Станува збор за мали острови, на пример Кинарос има само два постојани жители, а Левитиа 13. Од 16-те острови на кои се спроведува тестирањето најголем е Патмос со 3.047 жители.