вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Див северен запад

Див северен запад

Америка во 19-от, а Македонија во 21-от век го живее времето на разузданиот див северен запад. Оксиморонска направија во која ништо нема никаква логика, земја во која најнеспособните политиканти владејат, садисти се директори на  болници, најтупави аналфабети го кројат образованието, ненаситни арамии и ајварџии го водат бизнисот, а академски комарџии меѓу две партии покер ја редат историјата и ги распродаваат хероите и светците во „Ол ин“ рака, држава на народ-Трнорушка кој се’ уште го чека имагинарниот принц за да ги разбуди од седумгодишниот сон.

Во храбриот кукавичлук  на овој див северен запад суртуците не се извинуваат кога возат на тротоар со џиповите, туку застануваат и ги бодат оние кои ги кудат, а полицајките мазохостички се самоудираат и самоказнуваат лупајќи се по пајаци. Во болното здравство и луцидниот хорор на дивиот северен запад, мизантропската власт во спрега со директорчиња и по некој брат и сестра грозоморно ги убива пациентите со физиолошки раствори, гледајќи како пред нив полека ја испуштаат душата додека тие насмејани си ги полнат џебовите.

Индикативно е што во остроумната глупост на антимакедонскиот див северен запад, забеганата власт не ја тангира мислењето на 90 насто Македонци кои се против идиотскиот Бугаро-фанцуски предлог и внос на уривачи на државата во Уставот како државотворен народ. Во дивиот северен запад виновник за се’ се несреќните кабли, а правдата како ѓавол од темјан бега од оваа затутулена-замумулена земја која некогаш беше држава.

Дивиот северен запад уште малку ќе стане земја на старци кои гушнати ќе се греат на ладното огниште, затоа што младите во редици фаќат усвета во потрага по систем кој функционира, не по пари и аздис, туку по место на земјината топка каде ќе најдат мир, каде нема да бидат граѓани од 63-ти ред и ќе обезбедат иднина за своите деца, стабилност и иднина кои во се’ посветлиот мрак на Македонија со овие бандити на власт изгледаат како недостижен сон.

Во грдата убавина на дивиот северен запад каде „кадија брани и кадија суди“, во затворите гнијат луѓе кои имале несреќа да бидат патриоти, вистинските криминалци ја водат и крадат државата, а кога ќе претераат со апашлукот и незаситноста и ќе ги фатат со рачињата во медот, имаат две опции. Или ќе ги судат некои 36 години за да делото застари, или глумат лудило и демек доблесно аболирани се повлекуваат од високата функција и одат на грчките плажи, од каде делат ум, фондации и продолжуваат, по навика, да тресат зелени. За понискорангираните партиски војници и арамии, пак, на 5-6 години следува закон за амнестија и промена на кривичниот законик…

Во црниот блесок на дивиот северен запад свето и исконско име на држава се менува со уцени и фаќање за малите тестиси на уште поситни криминалци и вратари, а  гласот на народот се исмејува и не вреди затоа што знаат дека тој народ и онака ќе замолчи по ступидната дефетистичка логика „Што да правиш, што ќе правиш, тоа ти е!“  Оти, така им било пишано, нели…

Во живата смрт на дивиот северен запад стана многу полесно да најдеш дилер на марихуана и кокаин отколку граѓанин кој може да си приушти две вреќи пипер за да направи ајвар, територија каде дињата стана луксуз, а сирењето сон. На ова прекрасно парче земја, кое мнозинството не знае да си го цени, децата на почетокот на годината сонуваат за учебници, а на крајот на истата за недостижниот луксуз на свидетелство в рака, антидржавна направија во која – внуците за да имаат платен школски доручек и ручек значи дека бабата ќе нема половина пензија. Можеби и повеќе…

И додека на дивиот запад си ги мереле со пиштоли и скратени двоцевки, на дивиот северен запад мерката за успешност на чесните крадци од власта се вика тендер, единица мерка за квалитетот на еден политичар од ДУИ и СДССС. Колку повеќе тендери имаш, толку повеќе вредиш за лидерот и си повисоко на владејачката северна скала.

Во скромниот раскош на дивиот северен запад владее апартхејд, таму малцинството му се има качено на глава на мнозинството, се срами да пее државни химни, мафта со други знамиња, слави други историски ликови и има тотална сопственост врз проекти, тендери, рушвети, Бехтели и други местЕНКИ…

Таму, во проѕирната темница на дивиот северен запад,  малициозната власт која насила дојде на Илинденска ББ преку идиотски прикаски за жолти комбиња и со секаде во белиот свет незаконски снимени разговори, и натаму по навика и без срам ја прислушува опозицијата и пучанството преку уште помалициозни системи кои со цел ум си ги купува од народни пари…

Да, дивиот северен запад е оксиморонска направија слично на шарената „револуција“, која беше само една шарена дееволуција која од учесниците направи мајмуни, а од државата протекторат.  Инфантилна држава во која лик кој дошол на власт преку „пад на систем“ при броење гласови на избори, а потоа траснал на земја на локални, верувале или не – си мести свој уште посервилен и крајно анонимен престолонаследник кој без срам и перде си владее веќе две години и не’ срами кај ќе стигне…

Дивиот северен запад е оксиморон исто колку кованицата „северна“ (бљак) Македонија. Разликата  е што оксиморонот како стилска фигура и според дефиниција само на прв поглед изгледа глупаво и лудо, за да потоа сфатите што се потенцира со контрастот и противречностите на чесниот крадец, црниот блесок и грдата убавина.

Кај Македонија, оксиморонот со лепенката и противречноста на додатокот со она на „С“ звучел и ќе звучи глупаво и лудо и на прв поглед, и на втор, на милионити и на 1.998.888.9999.777.645-ти пат. Евтин, хохштаплерски идиотизам, оти не можете да бидете на С кога нема друга држава Македонија. Била и ќе остане една и само МАКЕДОНИЈА. Нејсе што некои политиканти и кретени таму се согласиле на суртучки и крајно забеган чин само за да бидат на власт за да несанкционирано и без исав крадат.

За утеха или не, но Македонија е една и вечна, а на дивиот северен запад полека, но сигурно, му доаѓа крајот…