четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Генералот, командантот и дезертерот

Генералот, командантот и дезертерот

Наместо да се срамат што дилер на кокаин тврди дека е Бугарин и се тепа по македонски кафеани, бугарските власти од истиот тој непресметлив и криминоген лик направија маченик и профил на наводно репресиран Б’лгарин, мустра за ширење лажна пропаганда. Јаз’к и превртенава психологија, нели…

Арно ама, некој повторно ја утна работата, ама „скроз“…

Прво, софиското раководство кое ја обвинува Македонија за наводна ретроградност, со крајно потценувачкиот и проѕирен пристап покажа дека никогаш и не излегло од матрицата на Варшавскиот пакт и изветвената пропагандна комунистичка машинерија. Радев, ало, ова не е 1953-та, па што ќе кажете со Коминтерната во двете мизерни пишани гласила да мора да биде и вистина, јок. Во денешно време на интернет и наплив на медиуми ко печурки по дожд, време кога и бабичките во престилката имаат андроид-мобиљка, утката ви е голема. Никој не пие нафта, одамна, башка, прескапа е. Ова можеби ќе заинтригира и запали некој национал-шовинист кај вас, но ја промашивте прикаската. Ко што од секое гранче не бива свирче, така и од секој претепан дилер не бива маченик…

Второ, дигањето на една криминална пресметка на ниво на меѓудржавен проблем е повеќе од патетичен обид  да го искористите сегашното „внимание“ кое ви го посветуваат Европјаните и Американците поради вашата геостратешка позиција во војната со Украина. Безобразен крик на очајни и искомплексирани шовинисти, кои преку познатиот метод на Гебелсовата „голема лага“ од еден претепан криминалец градат Потемкиново село и шират дезинформации за наводни репресии на Б’лгарите во Македонија. Ај што нив и ги нема, а сега со парите што им ги „фукнаа“ службите се појави и по некој од немајкаде, ама знаете дека вашите сојузници се информирани 100 пати подобро од истите тие сезнајни бабички со мобиљките. Ве тинтраат сега дека им требате, ама дека некој ви ја купува евтината прикаска полна со дупки ко интегритетот на Заев и Таче, тешко…

Трето, ако си баравте алиби за да повторно не’ блокирате и така притиснете за да ги донесеме забеганите и непотребни Уставни измени, можевте и малку повеќе да се потрудите. Дека некој ќе поверува дека не блокирате поради тепаниот нарко-дилер, тешко. Дека поради Пендиков и скршената му вилица ќе ве внесеме во Устав, уште потешко. Ќе треба да скршите многу повеќе пратеници и луѓе во Македонија за да дојдете до посакуваното. А ова, да не ти бил Преспански договор и смена на име, па интересот на „сојузниците“ за такво кршење и не бил толку голем, барем се надеваме…

Четврто, дали сте свесни каква пизма и омраза создавате со ваквите лаги и дејствувања? Во стилот на командантот Али кај нас, вашиот генерал Радев преку лаги крајно  ја закрвува работата меѓу Македонците и Бугарите. Тотално непотребно, исто ко закрвувањето на Алија на Албанците со две независни национални телевизии и нивните „само“ 800 илјади гледачи. И кој ќе биде виновен за следната, не дај Боже, тепачка во која можеби ќе падне нешто повеќе од скршена вилица? Македонците ли пак ќе глумат дежурни виновници, како и секогаш? Да, тоа го сакате, ама не бива…

Пето, имаме несреќа при еден генерал на едната и „командант“ на другата страна, нас да не’ „води“ еден арогантен и неписмен дезертер, чија македонштина е на ниво на бегалец од Авганистан кој вчера стапнал во Македонија. Ок, Авганистанецот сигурно има почесни намери од трајно неспособниот Таче. И така, „водени“ од Бујар, гавазот на командантот и од дезертерот Ќуран, ќе го трпиме срамот и ќе набиваме гнев и бес во себе, доволни за 10 следни генерации. Ќе слушаме како вашиот министер тресе зелени за некакво си враќање на мрачни времиња во Макеоднија, периоди на убиства, мачење и прогони, А Бугар Османов ќе молчи ко залиен. Туку, сакаше ли да каже пустиот ваш министер дека кај нас се вратиле времињата на бугарската фашистичка окупација, описот на дејанијата е совршен. Можеби, пак, Милков сакаше да се извини за крвопролевањата, силувањата, теророт, сечењето глави, за децата од Ваташа, за Дуња, за Мучето, за сите егзекутирани македонски херои и хероини? Не, ама требаше…

И што по ова, пак ќе тврдите дека сме „един народ, две држави“ ли? Ќе се мавате во гради и ќе не убедувате дека сме биле браќа? По сите уцени, лаги, блокади, негации и изживувања ние ќе треба да ве прифатиме за наши, ќе заборавиме на се’, ќе ја свртиме капата и ќе си свиркаме, гушнати и насочени кон демек европската ни иднина???

Не, не бива така, не сме златни рипки со меморија од 3 секунди и не ја правете поголема. Да, ќе не блокирате пак, иако, реално, никогаш и не го дигнавте ветото условено со инфантилните уставни измени. Не, нема да ги усвоиме и да ве внесеме насила во Уставот, ако уште има, а за наша среќа има Македонци во државата и политиката.

И аман, берете умот, не се глупирајте да правите инциденти и да ни доаѓате организирано со смислени бедни провокации од неофашистите Џамбаски и Костадинов на 4-ти февруари на гробот на македонскиот великан и корифеј Гоце Делчев, не поганете го светото место, за последиците ќе бидете виновни вие и само вие. Имајте предвид дека на македонскиот народ „филмот“ му е многу пукнат, врие во секого, татни по дамарите, премногу резил и гнев има насобрано во нас, не ни давајте повод. Не, нема да гледате реприза од денот на Мара Бунева, за Гоце се работи. А ГОЦЕ Е МАКЕДОНИЈА!

 

П.С.

И дајте луѓе, уште поАМАН, под итно да ги тргнеме од власт овие безрбетни и ултра-сервилни човечиња од Илинденска бр.2, Собрание и од Вила Водно. Понизни суртуци кои не сфаќаат што е љубов кон татковината, историјата и своето, ајвани кои гледат само да си ги наполнат џебовите и стомачињата, копуци кои не разбираат дека кога ќе ја наведнеш главата, оној со мечот не може да одолее на предизвикот и податливоста на сечењето на истата таа празна направија.

Да, да не беа тие на власт, ништо од ова немаше ни да се случи…