понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ЛОГИКА НА НЕЛОГИЧНОСТИТЕ

ЛОГИКА НА НЕЛОГИЧНОСТИТЕ

Нелогично е со одлука на Влада да се замрзнуваат цени на прехранбени производи, а при тоа во ист ден со закон да се зголемува данок на додадена вредност исто на прехранбени производи.

Нелогично е да зборуваш за даночна реформа, а притоа да укинеш само даночни ослободувања.

Нелогично е да се укине ослободување од данок на добивка за донации во спорт, а притоа да не се донесе нов предлог за поддршка во спортот.

Нелогично е на 30 Декември да се најави нов данок кој би оданочувал приходи остварени во веќе измината година.

Нелогично е да се воведе данок и за истиот по неполна година да се одложи примената, за по неколку години да се укине целосно таа даночна стратегија.

Нелогично е да се зголеми акциза на горива, а за време на енегетска и економска криза да не се намали истата.

Нелогично е вештачки да се зголеми минимална плата за приватните компании, а истата државните институции да ја зголемат после 2 месеци.

Нелогично е вештачки да се зголеми минимална плата, а останатите плати да се усогласуваат со минималната после две години при стапка на инфлација од 19%.

Нелогично е учениците да немаат учебници две години, поточно тоа е надвор од разум.

Нелогично е да нема основен лек за болни луѓе кои молат за живот,тоа е повеќе од сурово.

Нелогично е постоечки систем да не се користи и притоа да не е заменет со друг систем и да дозволите влијание на човечки фактор при издавање на онколошка терапија.

Нелогично е да сте рекордер по злоупотреба на средства од Европски фондови и при тоа да очекувате дека некој ќе ве прими во Европска унија.

Нелогично е да се постави директор на психијатриска болница кој по професија е архитект.

Нелогично е да се доделува тендер на фирма која е основана после денот на објавувањето на тендерот.

Нелогично е да нема изводи,сведителства за учениците…

Нелогично е во 21 век работната седмица од 40 часа да ја зголемите на 60 часа работно време.

Нелогично е договор за изградба на автопат да се менува со анекс за износ и времетраење и пак истите да се пробијат, а од автопат има само табла.

Нелогично е при стапка на инфлација од 14%, платата на функционерите да се зголеми за 78%, а на пензионерите само 5.3%.

Нелогично е за време на прогласена енергетска криза да се превзема скапа елекртична енергија од европската мрежа на износ од 25 милиони евра и при тоа управниот одбор на МЕПСО да отпише долг од 15 милиони евра на 4 фирми.

Нелогично е да постои објект за безбедно чување на податоци, а Фондот за здравство да не функционира ради изгубени податоци.

Погоренаведеното е она кое што за некоја минута го напишав.

Низата е предолга и слободно дополнете ја.

На крајот секој на сопствен начин го наоѓа одговорот на прашањето:

КОЈА Е ЛОГИКАТА НА НЕЛОГИЧНОСТИВЕ?

Логиката доаѓа од индиферентноста кон државата и народот.

Логиката е од немањето на чувство за припадност и одговорност на се што е државно.

Логиката на нелогичностиве произлегува од вашето дејствување државните ресурси да ги пренасочите во ваша корист и сопственост.

Логично е дека од негрижата за состојбата во која се наоѓа народот, животот им го направивте преживување.

Логично е дека ни еден крик не ве допира штом не се грижите за лицата со здравствени проблеми.

Логично е дека како изминува времето, се повеќе наликувате како гладни ѕверови.