понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Не европско, пиратско знаме ставете

Не европско, пиратско знаме ставете

Додека криминалната северна банда се криеше зад ѕвездичките и синото знаме, дури и белиот свет сфаќаше со какви арамии си има работа. Класични оксиморони од типот на чесни крадци кои толку мрачно блескаат, демократски тирани и еу-талибанци.

Спротиставени поими, антоними кои споени заедно совршено добро ја доловуваат македонската нова реалност. Нова нормалност ли беше…

Во таа новокомпонирана ненормалност, имаме една сурија политиканти кои во пет броја поголеми кондури глумејќи властодршци од лукративни причини истовремено глумат и Македонци. Оксиморонска направија во која истите актери по цел ден плачат и кукаат за ступидни уставни измени, образложувајќи и правдајќи ги со фактот дека тоа морало да се стори затоа што само така ќе се одело во ЕУ. Друг пат немало, или Бугари во Устав, или пропаст, Армагедон, абе потоп. Та морало да дадеме жртва на олтарот, небаре пред полигамско божество во Брисел се клањаат, та немало друга опција, итн. итд. и др. Па пак нови лелеци, жалопојќи, кукање без исав. Тоа е преку ден. После следува другата песна.

Навечер, истата таа палјачо-банда краде како улава, се клања пред Мамон, полни џебови како да не видела пари и тера небулозен договор со Бехтел и Енка, прекинувајќи го броењето евра и долари само и само за да му покаже среден прст на истиот тој божествен Брисел.

Да, истите оние мултиперсоналити хохштаплери кои цел ден се со полна уста ЕУ, навечер и плукаат во лице на истата и и’ се потсмеваат со криминален договор склепан набафтана во четири очи. Или, уште поверојатно во две. Тие не ни го виделе, само потпишале кога чуле колкав  е рушветот…

Затоа, многу посоодветно би било кога зад законите кои ги менуваат за да се операт во иднина од криминалот со Бехтеловци, наместо европско да стават пиратско знаме. Ќе им стои ко „саливено“. Капетан Ќуран и капетан Груби?! Дури и имињава им прилегаат и звучат така пиратски, Црнобрадиот и Хенри Морган да им подзавидат.

И додека Брисел сфаќа дека е во улога на Мери Шели и дека направија белја со создавањето на северниот Франкенштајн, а ридот дека дури и Талибанците не забегаа како северџганистанците, пиратите од Македонија ја дозакопуваат државата. Знаејќи добро дека по оваа несреќна авантура, на власт ќе дојдат „на свети никад“, па орно и варварски доуништуваат се’ што можат да дофатат.

Правејќи си отстапница, пустите контаминираа судство и обвинителство, ќе не’ остават со милијарди долг кон Бехтел и Енка, испокрадоа се’ што може, со партијци превработија администрација, тендеросаа се’ живо и диво, си ја приватизираа струјата, ги уништија езерата и акумулациите, здравство на колена, заедно со образование, земјоделие опустеа.  Дури и лични документи додека се тука ќе мора да смениме, за да после демек потешко да ги вратиме со името исконско и единствено. Идентична отстапница како фашистите кои рушеа мостови и палеа се’ за да избегаат од сојузниците.

И после ќе фаќаат сеир кога некој ќе се обидува да го оправи уништеното и узурпираното во земјата на чиј влез ставија знак соодветен на Дантеовиот влез во пеколот. Во неговата „Божествена комедија“ при интрото на адот стои „Откажи се од сите надежи!“. Дело во кое деветиот круг е одамна таксан за една цела плејада наши властодршци.

Во Тачевата и Артанова „Небожествена трагикомедија“ на влезот во пеколот кој го создадоа од некогаш прекрасната држава стои „Откажи се од се’ што е македонско!“. Статива, затоа што како и сите во историјата, го потценија пирејот.

Токму во тој „Пиреј“, народниот мудрец  Лазор Ночески вели дека „лошото време го прават лоши луѓе“, значи, ќе мине со нив и времето. Исто така, јунакот на Петре М. Андреевески остроумно цени и дека „стравот е страшен само ако му се плашиш“…

Така што, капетане Таче и Артан, пиратското знаме дујдисано со троа жолти ѕвездички совршено му прилега на владиниот брод кој одамна тоне пробушен од сите северни лаги, арамилаци и антимакедонски злодејанија. Реално, да имавте совест, многу одамна ќе потоневте од нејзината тежина…

Вака, ќе почекаме. Ама, одењето по штица, не ви бега…