вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Неправда-ленд

Неправда-ленд

Неправдата зацарува во земјата во која луѓето умираа без лекови затоа што властодршците крадеа како улави и не даваа од пленот ни за живот нечиј да се спаси, цели армии семејства се селеа, децата и сопругите на функционерите диплеа пари од струја, а претседателот ќе се иселеше да не беше претседател. Бессрамен протекторат во кој безобразни амбасадори ви препорачуваат да „затнете нос и да проголтате“?!?!

Ова е денешниот лик на насила северизираната Македонија која припаѓа на измислениот регион на Западен Балкан, кој пак гравитира кон некаква си Југоисточна Европа (само и само да не биде Европа), некогаш независна и суверена држава која продолжува ко камен да тоне во тињата од неправда и недоверба во се’ живо и диво, каша смесена и пресолена од сопствените одроди.

Токму затоа, никој нормален во Македонија не се ни изненади што 72 насто од сограѓаните мислат дека одиме во погрешна насока, а над 60 проценти од истиот тој народ смета дека во новокомпонираниот Заевистан нема демократија. Реално, доминантното прашање би било „само толку ли“?

Она, кога криминалот и самоволието на Тачевци, Заевци и Ахметовци ќе ти стане „добар ден“, па отрпнат на сите глупоштии, антимакедонштини, скандали и владини афери се затвораш во себе и не реагираш на ништо. Моментот кога заради хигиенски причини, психички мир и каква-таква духовна опстојба во забеганата и контаминирана со насилие, национален резил и арамилак околина, свесно ги исклучувате сетилата и станувате бесчуствителни на се’ што е поврзано со општеството и државата. Кога свесно станувате македонско зомби. За да не го спроведете следниот логичен чекор, да се иселите…

И чудно ми чудо, сме имале рекордно ниво на евроскептицизам. Ту, ту, ту, па по сите глупоштии во низа, барања да употребиме „балкански методи“ за смена на име и устав, фаќање прогрчка па ултра-пробугарска страна, сега треба да се чудиме што од некогашните над 90 насто поддршка за ЕУ, после сите недемократски дејанија и третман во кој фалеше уште со огледалца да не подлажуваат, Македонецот се освестил, му пукнал филмот, па сега помалку од половината од сите граѓани во државата се за истата таа утопија?!

Искрено, мислам дека и ова е местенка. После се’ и 49% поддршка за ЕУ е премногу, веројатно некој пак си играл со бројките. Не не’ чуди среде анкета да им „паднал системот“. Ви текнува…

Во шклопоцијата која глуми држава, предводена од трајно неспособниот премиер, празно и „босо“ ликче толку парадоксално и оксиморонски преполно со амбиција, ароганција и агресија, светото „ААА“ тројство на секоја благонадежена комуњара, земја каде довербата во правдата е на ниво на статистичка грешка, „само“ 65% од жителите на оваа некогаш нормална земја да ти сметале дека односот на ЕУ е многу нефер и уценувачки…

И сега? Сега благодарение на сервилните марионети на власта и нивните потпушувачко/потпишувачки афинитети, скоро една третина од граѓаните смета дека Бугарите ни се непријатели? Поттикнати од катализаторот Таче/Османи тие исти Бугари кои ти велат дека не постоиш, дека немаш историја, дека јазикот мајчин ти е нивни, ти негираат се’ живо и диво, а ти нив ги сметаш за непријатели? Нема шанси, зошто би мислел некој такво сулудо нешто, а Брисел?

Тој некој во 23-та година од 21-от веќ ќе ти тера црни, средновековни асимилаторски агенди, ќе ти земе со авион од дома дилер на кокаин тепан од нивни државјанин поради 500 евра долг за дрога, ќе му даде стан, пари и иднина, ќе го направи бугарски супер херој викан Дилер-мен, се’ ќе стори за  да намами други благонадежни и плиткоумни македонски дилајли за да го сторат истото и да се декларираат како Бугари, ќе ти споредува шовинистичко кршење на клуб во Благоевград со најнормална заддршка на неофашисти на граница, ќе ти ровари и ќе дели по стар рецепт пасоши, ама сега и во Албанија кај твој народ, додека истата таа „демократска“ Европа молчи на сето тоа како да е нема и слепа, а ти насила „ретроградниот“ и натаму ќе викаш „супер сте, аман, сакаме кај вас, макар ко Бугари!“ Абе ајде…

Ве видовме со Турција и Сирија со најавата за конференција за помош во март. Ок, фер, можевте да ја закажете и за ноември. Деца умираат, а вие казнувате, политики на симпатија и казни кон неподобни за вас лидери терате. Лицемери…

Знаеме дека ве заболе за нивото на поддршка на народот за вас, знаејќи дека Таче и Али се за „ЗА“, но ако навистина сте она што се претставувате и имате барем некаква намера да го вратите позитивното мислење на македонските граѓани кон она што стана непристојна алатка за уцени и понижувања и се вика ЕВРОИНТЕГРАЦИИ, аман, направете нешто нормално и троа пристојно за овој напатен и понижен народ.

На пример, можете да излезете и да им кажете на Бугарите дека претераа со својот национал-шовинизам непримерен и за 19-от век, да не не’ уценувате за старт на и онака маратонските преговори со некакви неетички уставни измени, да престанете да ја држите страната на Албанците и да ја укинете поддршката на корисниот ви Алија иницирајќи промени позитивни и за Албанците и за Македонците. И престанете да ја поддржувате оваа криминогена, крајно неспособна, лукративна и ултра-антимакедонска влада составена од корисни идиоти и исполнителни креатури, опортунистика свита која не прави услуга никому, освен на сопствениот џеб. Ајде, Европјани, направете бре една прес-конференција пред влада, за кражбите, арамилукот, корупцијата, недомаќинското работење ли, а ако не знаете како треба јавете им се за поука на Орав, Тимоние, Алтхаузер, Пломп и компанија, тие многу добро го знаеа тоа, им беше како најнормална дневна активност во времето кога бевме „заробена држава“. Македонска, за разлика од денешнава направија…

Сега, кога сме „ослободени“ од секаква одговорност на марионетската влада, времено ослободени од уставното, вековно име и со сериозен ниет да го „ослободите“ уставот од Македонците и преостаната македонштина врз која се заснова оваа единствена македонска држава во светот која, очебијно, на многумина им пречи, нешто не ви одат критиките кон власта, а? Колку и да е таа забегана, корумпирана, криминогена, инфантилна и бурлескна, одлично надополнува со недостигот на свое„јас“, послушноста и неизмерниот арсенал на корисноидиотизам. Пеким…

Станавме несуверена држава во која доминира недовербата и неправдата, во која човек на човека му е волк, само и само благодарение на бессрамната власт која нема трунка емпатија кон сопствениот народ и неговите чувства. Станавме неправда-ленд, земја на онеправдани, угнетени, зона на Калимеровци. Неправда и недоверба во распаднатиот систем…

Туку, откако ќе траснете на 4 насто доверба како хохштаплерското судство за кое исто така молчите откако учествувавте во „ослободувањето“ на државата од Македонците, ве молиме, молчете си и кога ќе дојде новата влада која ќе ги замени актуелниве суртуци чијшто рок на употреба со усмрдениот и веќе ферментиран  антинационален истресок во нив одамна е минат.

„Лошото време го прават лошите луѓе“, вели народниот мудрец Лазор Ночески во  култниот „Пиреј“.

Се’ си има крај, па и лошото време и лошите политичари, нели?

 

П.С.

Туку, велат дека најавата од Стразбур за обзнанување на пресудата  дека аболицијата на претседателот Иванов е законска и мора да се спроведе  – со што многу фиљан-луѓе ќе мора да се ослободат и од вината и од љагата, воопшто не делувала убавко и нежно за начулените уши на криминогените функционери.

По кулоарите навестуваат дека  истите се спремале за голема преселба на народите „северни“, фејк ко онаа измислената од 7-ми век, ама овие (со или без цевче преку Дунав, а поверојатно со авион) ќе морале од немукает да одат, некаде, каде било, само да не се тука каде ќе мора да одговараат за криминалот, тендерите и велепредвството во низа. Велат, со пари, макар украдени до народот, секаде те сакале. Аирлија.

Ќе било многу „потресително“ за некого, следувал мошне ИНТЕРЕСЕН период…