вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Пандорината кутија и ДОКУМЕНТОТ на Ковачевски

Пандорината кутија и ДОКУМЕНТОТ на Ковачевски

Ахил ја имал петата, Самсон косата. a Заев и неговиот престолонаследник Ковачевски ги имале новчаникот и желбата за моќ и владеење. Секој со својата слабост, нели. Само, имале и еден друг проблем. Се викал Фројд. Фројдовиот комплекс, поточно. Од време навреме, притиснати од тежината на белјата која ја прават, несвесно ќе си ја кажеле вистината. Така беше нон-стоп со Зоче, а чуму не и неговиот избраник Таче. Па нели ко круша под круша и престолонаследник под монарх паѓа. Се црпнуваше ли, нејсе…

Ок, потсвеста си работи, но факт е и дека чедата драфтувани на Бихаќка се ултра-конфузни. Редок и ендемски примерок  на Едиповци со Електра комплекс, плејада суртуци кои и ја е.аа мајката на татковината. Можеби затоа и не ја сакаат антиката, фер…

Ковачевски, пак, парадоксално притиснат од 10-те броја поголеми кондури во кои го смести Заев, денеска призна дека муљаат со Бугарите. Несакајќи, се разбира. Очебијно, не е лесно да бидеш голманот Чилаверт со најмалите стапала во патиките на Шекил О’Нил.

Затоа, кога ќе му „летне“ дека преговараат со полна пареа, а кријат ко змија нозе што се’ продаваат/даруваат, не не’ изненадува. Би не’ изненадило да е поинаку, нели. А престолонаследникот јасно си кажа дека документот, кога ќе бил готов, ќе го претставеле на институциите и јавноста. Аха, ви текнува? Упс, ДОКУМЕНТ?!?!?! Чек, чекај, кој па сега документ? Од каде па сега документ? Некој се издаде, а? Ах, тој пуст Фројд и комплексот му искрен. Се излаја Ќуран…

Да, тотално исто како со Преспанската капитулација и зевзечкиот Договор за лошососедство. Еве го пред вас. И точка.  „Лошо“, оти „добро“ во него за Македонија и за Македонците нема. Називот е евтина обланда. А „исто“ оти старите џукели не можат да научат нови трикови…

Така, ученикот не издржа многу, па по саде неколку дена Таче го следеше светлиот пример на врховниот лидер Зоче. Разбирливо де, клонот да го следи оригиналот со оној тмурниот, толку оксиморонски темен блесок. За да покаже дека добро го навежбале. На Харвард ли, каде ли. Она, кога среде Анталија ЗЗ не издржа, пукна мутинското во него, па се сретна со екс колегата Петков и им покажа ачик на сите дека и не е баш така екс. Да, покажа кој е кој, кој пали и кој гаси светло во СДССС. Црпнат непребол…

Така и марионетата, која заборавиле да ја обучат понекогаш и да се насмее, мораше да се издаде, да си каже пустиот дека кога ќе им го дадат претходно напишаниот ДОКУМЕНТ, за кои Заев и Ковачевски не ќе смеат да кажат ниту да сменат „А“ во него, е дури тогаш ќе и го претстават на јавноста. Како свршен чин, разбира се. Поинаку со нив и не бива. Нова антимакедонска Пандорина кутија. Лоша навика.

И Киро Петков многу не му помогна, тој пак издаде дека немало проблем за МКД во ЕУ, само Бугари да се тутнат во Устав македонски и готово ќе било. Зошто побогу, аман? Си знаат Бугарите, ова не се Таче, Зоче и армијата лукративни тендер дилајли околу нив .

Велат, во силната украинска магла падната над Македонија, се појасно се гледале контурите на балканските авети од минатото. Навасале сеништата и се развиориле, ама без исав, силно привлечени од понизноста на безрбетните и малодушни битија кои владееле со територијата која не толку одамна беше држава. Се слушале и камбани, злокобно и тмурно. А на Хемингвејовското прашање, за кого тие бијат, одговорот бил јасен и повеќе од едноставен. За Македонија и Македонците, за секој од нас.

Затоа, ај на толку лупање на камбаниве, утре да не биде дека не сме знаеле и абер сме немале. Нит сме глуви, ниту слепи. А ни зимскиот сон веќе не може да биде изговор. И таа пустата заврши. А нашето, штотуку почнува…