четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Власта е гола!

Власта е гола!

Дури и расипан часовник два пати дневно ќе погоди точно време. Одамна расипаната/корумпирана македонска влада, пак, за шест години не „погоди“ или направи ништо што би било во корист на Македонецот. Особено околу националното, но и за корупцијата и рушветот кои ја преплавија државата, спонзорирани од оксиморонските чесни крадци на власт.

Да, ова е трагикомичната прикаска за една земја во која власта крадеше како да не видела пари, пародија од држава каде функционери местеа тендери како да нема да има утре, протекторат во кој хунтата ја злоупотребуваше позицијата и функцијата ѓоамити е последна. Ок, ај што има многу вистина во дејанијата – ова им е последна функција/позиција за мноооогу долго време, а и за тендери исто така ќе почекаат години, ама пари виделе, повеќето родени во фамилии во кои биле како бубрези во лој. Тендер владејачка крими-генетика…

Туку, поинтересно е што истите тие апаши не признавале дека во Македонија се краде без исав и што ајваните клептомански ја третирале како да е Елдорадо, небаре колку и да крадеш никој нема да примети. Се правеле „на Тошо“ пустите, а всушност биле на Алија и на Таче (читај на Заев).

И така со години, речиси шест, аздисувале, краделе, тендерисувале, местеле други во затвори, па пак терале криминал, рушвет и живееле со мотото „лева рака, десен џеб“ на гуру Црпко. Неминовно,  корупцијата станала „добар ден“  за Македонецот. А северните владејачи негирале дека таа постои. Ги тепале по уши од „Тарнспаренси интернејшнл“, им мавале клоци од „Економист“, домашната експертска јавност ги правела бербат, опозицијата нон-стоп со аргументи ги ругала и секое утро нов скандал владин вадела, ама тврдокожните бескпруполозни северџганистанци (синоним за криминоген функционер кој краде без исав) мува не ги лазела.

Едноставно, ќе си пуштеле по провладините медиуми (98% од  медиумите во МКД) дека се е лоша перцепција, дека експертите се јанлаш, а опозицијата лаже, забиберено со релативизацијата дека сите политичари ти биле исти и порано. И толку. Се си завршувало, а народот велел – „Ах, па да бе, Мурто и Курто! Дааа, па и „оние“ крадеа. Ту, ту, ништо ново.“ И прикаската завршувала…

Не било доволно ни тоа што две „десни раце“ на Црпко завршиле свирејќи клавир – двајца генерални секретари со милионски проневери, што шоферката на шареното комбе брцнала и украла европски пари за образование, што соселанецот Дончев го видовме како брои илјадници евра, ни Таче што го фатиле со 26 милиони евро-причини за прифаќање Француски предлог за бугаризација, ни Бујар со 28 милиони, ни комисионери историски со стотици илјади евра награда, џабе специјалната Катица во која до вчера се крстела заглавила во ќорка, а нивниот инстант-медиумски тајкун  со антиреферендумско ТВ  рамо до дамо со неа. Јок. Не помагало ни сознанието што Таче Црпков го наместил три пати аболиран премиер, бадијала биле Пуцко, пајаци, Бушиња, првпат видени обвинители кои станувале фаци, синови и ќерки наградени од сватови, снаи, баџанаци и кумови, судијки ќердосани со Уставен суд за ставање патриоти во затвор, ама ништо не влијаело. И натаму, мува не ги лазела. Се’ да било џабе, побадијала здравје. Се’ до еден, пресвртен момент.

Се’ до денот кога на американската амбасадорка и пукнал филмот од „штитениците“ та излегла и рекла: „Имате огромен проблем со корупцијата, американски тим доаѓа да ја сузбие! “ А таа, всушност, во превод рече: „Власта е гола! (читај корумпирана)“.

Да, моментот кога американката ја откри Америка за корупцијата во Македонија. Арно ама, за разлика од дотогаш, сега сите паднале во несвест и се сетиле дека е така. Слично како приказната за голиот цар, кој ќе си останел среќен и гол доколку детето не викнало дека тој е она што е, гол. А владата северна, да ти била угол гола. Погола здравје. И „боса“, ништо не разбирале пустите, но не и финансиски „боси“ – се нафатирале за следните 10 генерации.

И тогаш, по констатацијата на Агелар, сите властодршци „сфатиле“ дека имаме сериозен проблем. Па Стево Стокиќ се разбудил од зимскиот сон и викнал „Лелеле, корупцијата е страшен проблем“. Свикал и Таче Црпков „Ауууу, имаме огромна мака!!!“. Дури и Ахмети албанско знаме на маса не ставил за да ја одоброволи амбасадорката која ја кажала вистината. Се наредиле во колона и сите крадци во еден глас викнале „Фати го крадецот!!!“

Да, суртуците владини толку брзо и многу ги освести констатацијата за дното на кое сме, бездна пред која сите други „меЏународни“ фаци замижуваа и се правеа дека не ја гледаат. А корупцијата толку блештела што ни со маска за заварување не можело да не ја приметите.

Да, можеби е подобро некогаш отколку никогаш, уште поможеби ако не ги бива Тачевци, макар некој од срана да не’ среди и да ги среди апашите кои аздисаа во Македонија, на страна огромниот резил од надворешната „Деус екс макина“ (Божја рака) интервенција за чистење на сопствениот валкан, бербат сторен двор. Башка вкусот на протекторатскиот срам, пропратен со многу гнев и бес кон неспособната аздисана власт. Сето тоа е ок, ама една работа е повеќе од јасна.

После оваа мега-шлаканица, ултра-неспособните Таче, Алија и коалициска компанија треба да имаат трошка доблест, да ги спакуваат парталите и да ја предадат/вратат власта која и онака не им припаѓа. Во меѓувреме може и подобро да фатат „штрафта“ и усвета, затоа што знаеме каде и кој е популарната „глава на октоподот“. Црпко и фамилија исто. Дечки, не Вардар, Дунав ни Нил не ве пере, времето за отчет доаѓа.

Ни треба еден тотален ресет, отпуштање на ¾ судство, 4/5 обвинители, перестројка во „независните“ ДКСК и Академии за судии, Судски совети и се што е поврзано со судство, обвинителство и полиција. Од улица на тепка да ги изберат, подобри ќе бидат, гарант. Исто како и кој било куќен совет кој сигурно ќе работи подобро и позаконски од Тачевци. А во исто време како леб ни се насушни едни брзи предвремени парламентарни избори. Па од почеток, како во 1945-та, без детските болести, не како во 91-та, тогаш освен Референдумот, ја утнавме, тоталка.

Не, нема да биде веднаш и уште по НЕ, нема да биде лесно, но ако се молите за дожд, бидете подготвени и за калта која неминовно доаѓа со него…