вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Храна и пијалаци

Како кафето влијае на срцето: Резултатите од 3 нови студии ве поттикнуваат да испиете уште една шолја

Како кафето влијае на срцето: Резултатите од 3 нови студии ве поттикнуваат да испиете уште една шолја

Три нови научни истражување претставени на годинешната конференција на Американскиот колеџ за кардиологија пренесуваат добри вести за љубителите на кафе.

Експертите сугерираат дека конзумирањето на две до три шолји кафе дневно е добро за срцето, бидејќи го намалува ризикот од коронарна срцева болест, срцева аритмија и инсуфициенција, а во исто време позитивно влијае на долговечноста.

Резултатите од новите студии покажуваат дека кафето не создава нови кардиоваскуларни проблеми, ниту ги влошува постоечките, а се чини дека има заштитно дејство.

– Бидејќи кафето може да го забрза чукањето на срцето, некои луѓе се загрижени дека тоа може да предизвика или влоши одредени проблеми со срцето, вели Питер Кистлер, професор по медицина на Универзитетот во Мелбурн.

– Но нашите податоци покажуваат дека пиењето кафе секој ден не влијае негативно на здравјето. Откривме дека консумирањето кафе или има неутрално дејство, односно не предизвикува никаква штета или е поврзано со придобивките за здравјето на срцето.

Првата студија анализирала податоци од 382.535 луѓе со просечна возраст од 57 години и без познати срцеви заболувања. Оние кои пиеле две до три шолји кафе дневно имале најголема корист – околу 10 до 15 проценти помал ризик од развој на коронарна срцева болест, срцева слабост, срцева аритмија или прерана смрт. Ризикот бил поголем кај оние кои пиеле помалку или повеќе од две до три шолји кафе. Од друга страна, ризикот од мозочен удар или смрт од кардиоваскуларни болести бил помал кај оние кои пиеле по едно кафе на ден.

Друга студија, во која учествуваа 34.279 луѓе со дијагностицирани кардиоваскуларни болести, исто така покажа дека луѓето кои пијат две до три шолји кафе дневно имаат помал ризик од смрт од оние кои воопшто не пијат кафе. Кафето не го зголемува ризикот од атријална фибрилација или други срцеви аритмии. Оние кои веќе имале аритмија и пиеле едно кафе на ден имале речиси 20 отсто помал ризик од смрт од оние кои не пиеле кафе.

– Љубителите на кафе можат да уживаат во овој пијалок дури и ако имаат срцеви заболувања. Постојат голем број механизми со кои кафето може да ја намали смртноста и да има корисен ефект врз кардиоваскуларните болести. Луѓето често го поистоветуваат кафето со кофеинот, но кафето всушност содржи повеќе од 100 биолошки активни супстанции кои можат да помогнат во намалувањето на оксидативниот стрес и воспалението, да ја подобрат чувствителноста на инсулин, да го стимулираат метаболизмот, да ја инхибираат апсорпцијата на мастите во цревата и да ги блокираат рецепторите за кои се знае дека се вклучени во абнормалниот срцев ритам, истакнува д-р Кистлер.

Фокусот на третата студија беше на разликата помеѓу кафето со кофеин и кафето без кофеин, како и меленото и инстант кафето, а поврзано со кардиоваскуларни болести. Се покажа дека, без оглед на видот на кафето, две до три шолји од овој пијалок дневно се поврзани со намален ризик од аритмија, затнати артерии или срцева слабост.