Приказната околу трансферот на Матија Перин во Јувентус полека доаѓа до својот крај, што потврдува и изјавата која првиот човек на Џенова ја даде за Калчомеркато.
Енрико Прециози се насмеа на прашањето на новинарите врзано за трансферот на Перин и откри дека замената доаѓа од Рим, поточно од Лацио.
Прециози кажа дека Џенова постигнала начелен договор со 35 годишниот Федерико Маркети, кој на крајот на јуни станува слободен играч.
Џенова наводно е спремна на искусниот чувар на мрежата да му понуди двегодишен договор тежок 1.600.000 евра, со тоа што тој би дошол без оштета.
Матија Перин од друга страна веќе одамна се гледа во Јувентус, каде со Војчех Шчезни ќе се бори за местото на голот кое останува празно од следната сезона со заминувањето на легендата на овој клуб Џанлуиџи Буфон.
Досегашниот член на Џенова, денеска или утре треба да ги помине лекарските прегледи во Торино, така што многу брзо се очекува потпис на договорот со шампионот на Италија.
Инаку, покрај борбата со Шчезни за местото прв голман во Јувентус, Перин го чека и битка со Џанлуиџи Донарума околу местото број еден во репрезентацијата на Италија.