Момчето отпатувало во придружба на двајцата родители.
Седмоодделенецот кој на 3-ти мај беше тешко ранет во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ го напушти Институтот за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“, од каде веднаш е префрлен во Чикаго, каде треба да продолжи со лекување.
Детето има тешка повреда на ‘рбетот и државата го договорила неговото префрлање и прием во болница во Чикаго на понатамошно лекување. Сите трошоци за престој и лекување во САД ќе бидат на товар на државата, јавуваат српските медиуми.
Момчето има сериозни компликации поради повреда на цервикалниот ‘рбет.
Српската министерка за здравство, Даница Грујичиќ пред две недели, кога момчето беше префрлено од Ургентниот центар во Институтот за мајка и дете, изјави дека момчето имало трахеотомија, дека дише, свесно е и комуникативно, како и дека ја движело левата рака.
– Има знаци на оштетување и на ‘рбетниот мозок и на периферните нерви за десната рака, но се уште е рано да се зборува за било што, рече тогаш министерката и додаде дека не знаат какви ќе бидат дефинитивните последици.