сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Биометриското рамо на Пресеченио

Биометриското рамо на Пресеченио

Некој има манекенски раменици, друг рамо за плачење, трет билдерско. Само Ковачевски има биометриско рамо. Верувале или не, тој на личната карта и на пасошот не е сликан со лик. Јок. Само рамо и дел од рачето, исто како и на „групната“ фотка со Петков и Амерот. Не случајно Бугарите го исекле, знаеле како си сака македонскиот премиер со стокхолмски синдром. Исечено, залепено, стокмено…

Да беше од Битола, а не од Куманово, немаше да го викаат Ќуран. Прекарот ќе му беше Пресеченио, Отсеченио или Ракаво. Му прилега, нели? Одлично му стојат сите.

Велат дека уникатниот Таче (тоа е прекар според татко му) бил единствен во многу работи. Освен по начинот на кој го избраа за премиер на држава и преЦедник на партија, разбира се. На тоа поле е тотално еден и единствен. Таков пример/премиер немало во светот. Ендемски тип на трај-прајминистер. Саде тој, охридската пастрмка, рисот и моликата. Светски, а наши. Ок, можеме и без Таче, штрчи, така вештачки наместен ко корона во регистарот на природни болести.

Арно ама, Пресеченио бил уникатен и по нешто друго. Бил единствен човек на светот кој имал биометриско рамо. И сега, кога одел на Минхенската безбедносна конференција и  на баци рака во Софија, во дипломатскиот пасош му стоела токму оваа слика.

Бугарите го пуштиле без проверка, оти Заев по навика се јавил на граница, па со врски минале додека да трепнеш. А Германците на пасошко во минхенскиот ВИП паднале во несвест, но и тие добиле инструкции за посебен третман на Пресеченио. И така,  додека на сите им велеле да се наместат за да подобро им го видат лицето, а со тоа и да им го утврдат идентитетот, Пресеченио морал да се мести со рамето кон камерчето. Десното или левото, ќе се запрашате?

И двете драги мои, повторно уникат. Пресеченио ги има двете раменици во својот биометриски пасош, верувале или не.  Да, да, има два пасоша, за секој случај. Оти, зависно од странскиот функционер со кој се слика, можат во кадар да влезат двете, десно или лево. А тој пустиот, никогаш не избирал ништо, бил научен да слуша и извршува. Иако, повеќе си го сакал левото раме, она што му го даде на Петков.

И, пак, се’ било бадијала. И со биометриските раменици на лидерот, на страна уникатното муртинометриско фацуле на бившиот, на северџаните повторно не можеле да им го утврдат идентитетот. Причината била едноставна. Неолибералните ајвани во СДССССС имале сериозен проблем со истиот тој идентитет. И затоа, кога одбивале да потпишат Декларации за Гоце или за црвени линии на Македонците, со полно право велеле дека тие немаат проблем со идентитетот. Затоа што пустите навистина го немале. Не проблемот, идентитетот…