Порано беше „на комшијата да му умре козата!“ Сега е, „дај Боже на комшијата Аудито да му тера милион километри, море два!!!“. Оти е мое…
Беше и „роди ме со к’смет и фрли ме на улица!“ Сега, по ново е, „најди комшија ко оној на првиот вицепремиер и фрли ме на коридор 8“. Поголем к’смет, здравје. Додека не паднеш од власт, де…
Да, можеби официјално сме први според нивото на мизерија и дефинитивно сме шампиони на скалата на сиромаштија во Европа, но благодарение на Артан, станавме први и во нешто поблагородно. Не, не по најскапи автопати во вселената. Доколку сега се спроведе најновото светско истражување за добри комшии, тепаме, гарант. Поарни од кај нас нема. А, ако не верувате, прашајте го Груби, олицетворение за белосветски хохтаплер -да, но и новокомпониран светски урнек за најмилуван, најсакан и најтинтран комшија во светот.
Миленикот на Командантот Алија постави нови комшиски стандарди во Македонија, Европа, светот и во Универзумот. Начела според кои она македонското за козата и комшијата веќе не важи. Јок. Во „северна“, ај што не можете ни да му го умрете Аудито, оти не е ни живо, ама поголем проблем е што е ваше, нели?
Нови стандарди во една насила северизирана земја која одамна е далеку од нормална, постулати на еден индолентен апартхејд во кој на дилајлите од власта се’ им минува. Имаат „проѓа“ за возење демек комшиски аута од 80 илјади евра, немаат проблем што дополнителна опрема им биле незаконски флешери, уште помалку што комшијата лапка хотели на Шара по цена на гарсониерчиња. Земја во која се минува, само и само ако е стокмено и направено од ДУИ, а поинаку, сте го јале за сите пари. И повеќе…
И додека миленичето на швајцарскиот педагог со пензија за недоквакан ја ора Македонија „уздуж и попреко“, гради ступидни и мегаломански скапи автопати од кои нема ни ископана дупка, а стотици милиони се фрлени во ветер, вие се прашувате, аман чуму овие евтини боливудски сценарија и што толку му згрешивме на Бога за да вакви националистички и недоквакани сурати ни ја водат државата и стануваат недопирливи? Елиот Нес вода да им носи. Артан Нес ли беше. Чесен ко реалноста на чудовиштето од Лох Нес…
Објаснувањето, она најлогичното е дека вака крајот мириса. Особено кога си имате работа со ифантилни дилајли, аздисани од моќта и опиени од близината на парите и функцијата.
Да не бевме „северна“, туку нормална држава, Арти уште утредента по аферата усвета ќе си ја возеше Ксарата, ама без функционерската фотелја, исто ко што Бугар Османи по она што го направи со минување на црвено пред неколку години пред Влада, ќе си беше докторче на доучење во Швицарска, Шаќири ќе немаше куќа во Тафталиџе, а Алија немаше да раководи со Македонија туку со замислените војни со тролови, вештерки или змејови поради кои и добил пензија во истатата таа Швицарска.
Ок, тоа ќе беше доколку бевме нормална држава, а додека не станеме таква, за што ќе ни требаат избори и излезност без петоколонаши, лелелци, подметнувања, кмичење и јачање саде по антисоцијални мрежи, ќе си читаме и гледаме стории за разно-разни интегративни хохштаплери, ступидни Ќурани со жени-бизнисмени со свои пари и глупандери ко Црпко кои прават милиони и фондации.
Наближува Илинден, најголемиот, најторжествениот и најмакедонскиот празник кој другарчето на Таче, оној бугарскиот лузер и демек космополит Петков се обидува да го присвои со суртучка декларација. Знаеме и дека престолонаследникот на Заев би им го дал со две раце и со три алала од Груби, парадоксален комшиски лик толку нежен на бугарски антимакедонски дејанија.
Арно ама, ко што вели Лазар Ночески од „Пиреј“ –„Стравот е страшен само за оние што му се плашат.“ По ново, дотичните северџганистанци ги викале…
За сите останати, останува големото финале, последните месеци од битката за Македонија. Битка по која следува враќање на старите долгови и наплата за новите зулуми.
Време во кое комшиите, биле со Ауди или Ламборџини, Грци ли, Бугари ли, нема да можат да ви го спасат задникот.
Да, требаше да ги реновирате Шутка и Идризово, дефинитивно…