сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонски ден на мрмотот

Македонски ден на мрмотот

Mакедонија повторно битисува во еден маѓепсан круг. Ок, преживува, како и секогаш. Време кое нон-стоп се повторува, кога го имате чувството на веќе видено и доживеано. Македонско дежа ву.

Од зачетоците на независноста, па до ден-денешен, постојано гледаме една лукративно-опортунистичка банда која вергла едно те исто. Ко расипана плоча ја продаваат ли продаваат истата евтина, неолиберална и забегана демагогија.

И така, нема – нема, па ќе чуете: „Ах, леле, оф, аууу, заглавени сме во историјата.“ По ова следува: „Да, да, мораме да го тргнеме ова историско бреме кое ни натежнало. Да се ослободиме од прангите на историјата!“ А завршува со патетичната сентенцата“ „Заради иднината, мораме да го заборавиме минатото!“ Северџанската крш драмолетка продолжува со бапчорски лелеци, пуфќања, туфкања, плачки, тешки воздишки, ступидни ламентации, објаснувања како сето тоа го правеле за иднината на нашите деца и оп, секогаш се завршува со некој идиотски договор со уште понекој сосед. Комуњарска тажална класика која секогаш финишира со пораз на македонштината, Македонците, Македонија. Веќе видено, нели…

Епа, сега веќе 5-та година во континуитет го живееме „Македонскиот ден на мрмотот.“ Од самиот старт, од почетокот и неуставното востоличување на Заевата Влада, закитена со местенката од 27-април 2017-та, Македонија секој ден се буди во истиот ден и ги проживува истите глупоштии со истата антимакедонска банда. Ко излезени од песната на Рамбо Амдаус „Едно, те исто“…

Или поверојатно, скоро пет години сме во филмот „Денот на мрмотот“ (Groundhog Day) од 1993-та година. Знаете, филмот во кој телевизискиот метеоролог Фил Конорс (Бил Мареј) постојано се буди во еден те ист ден, испратен по казна на задача да види каква година ке прогнозира мрмотот кој со своето излегување го дава пророштвото за пролетта. По илјадници перипетии и повторувања, конечно, излегува од заглавеноста во времето кога ќе сфати дека треба да стане подобар човек, да ги научи грешките. Ви текнува…

И така ние, небаре Сизифовци, си го тркаламе каменот кон ридот и тој паѓа надолу. И си го тркаламе. И пак си го тркаламе. А една те иста апла неспособна владејачка каста владее ли владее и нон-стоп продава по некое национално добро, па национална светија, па знаме, па „привремено“ име ни набива, па врши територијална поделба, па дига шарена дееволуција, па затвора патриоти, па менува уставно име, па Устав, па преамбула, па носи двојазичност, па мести 80% албански министри, па сега запнала да внесува Бугари во устав, недоветно и мазохистички се фаљотат и се радуваат што официјална Софија прифатила да ги викаат со скратено идиотско сменето име…

И така, секој Божји ден – нова идиотштина. Освен со кафе, со години Македонецот во својот „Ден на мрмотот“ се буди и со нова антинационална идиотштина, сервирана заедно со нов криминален, тендерашки или коруптивен специјалитет на истата банда.  Готвачот е еден те ист, адресата Бихаќка. Кујната е валкана и не е по Хасап, ама рецептот им минува кај сопартијците кои не ни џвакаат, туку само голтаат. Тендери, работа, унапредувања…

Од друга страна, преживуваме и уште едни, паралелни „дежа ву“ реминисценции од Втората Светска Војна.  Македонците по 80 години се повторно распнати меѓу политичките  аспирации на Бугарите и Албанците. Дали единствената разлика од тогашните случувања е што во тој период не сме имале толку големи квислинзи во нашите редови како денеска?

Велат, не верувај им на Грците ни дарови кога носат. На Бугарите уште помалку. Особено не на насмејаното лице на Петков. Намуртениот е Радев. Знаете, онаа евтина прикаска за добриот и лошиот џандар. Видоа претходно со Каракачановци дека не бива со лошо, па сега ќе не’ натераат да попуштиме со обланди и  шампити, хи-хи-ха-ха муабети, насмејани и со арно. Ах, да, со јаболка. А тука, во позиција на низок старт се Таче, Славјанка, Маричиќ и Оливер, кои подмачкани со путерот на Љупче Николовски и поттурнати од ветерот и еланот на Бујар и Артан Нежни, ќе влетат во нова антинационална авантура. Поддршката ја имаат и од преЦедник Стево чија советничка свита ќе направи се за да ја подјарми, изруга и избербати стоката која ќе се буни против истото.

Во „Денот на мрмотот“ животинчето/стоката ја прогнозира годината и доаѓањето на пролетта. Ако ја види сопствената сенка и се потргне, пролетта доаѓа порано, ако не зимата ќе се пролонгира за уште шест недели.

Кај нас, мрмотот Таче од првиот ден е во сенката на Заев. Во длабока сенка. „Стоката“, како што Стеки милува да го нарече сопствениот народ, тоа јасно го виде и се сепна. Се потргна. Да, по скоро 5 години од македонскиот ден на мрмотот, веројатно нешто научивме, но не знам дали и ние, како Бил Мареј во филмот, станавме подобри луѓе, подобри Македонци уште потешко. Како и да е, годинава македонскиот „мрмот“ вели дека е време за будење и за брзо доаѓање на македонската пролет. Крајно време…