вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Не документи, потребна е смена на власта!

Не документи, потребна е смена на власта!

Албанскиот „партнер“ повторно ја спаси антимакедонската партнерка. Овојпат, Таљо со одложувањето на гласањето за потребата од пробугарски уставни измени беше оној кој за сега спречи мисирот Ќуран да оди курбан. Ок, спикерот само го одложи неминовното, ама си ја спаси и „златната кокошка“, која сега е златна мисирка. Оти, тоа е СДСССС за албанските партии, најзлатна кокошка, позлатна здравје. Средство за правење пари преку тендери, рушвет и злоупотреба на власта, те Бехтели те Енки, експропријации, криминалии и дузина други уиграни скаламуции.

Факт е дека командант Форина саде времено го одложи траснувањето од власт на ненародната болумента. Лоша навика на корисниците на златната кокошка. Претходно, Заевци ги спаси Касами, за да потоа истото го стори Гаши, а престолонаследникот Таче Црпков политичката опстојба на власт ја продложи само благодарение на Таравари. Логичното прашање е – До кога албанските партии ќе ја спасуваат СДСС, за да уште попарадоксално истата таа демек „македонска“ партија продолжи во уништувањето на македонските идентитетски одредници, историја, образование и се’ што е македонско?

До избори. Јасно е ко ден. Не Дончев, тој е матен. Избори се дефинитивниот крај на Тачевци родум од Црпковци. А тие, тие си доаѓаат, сакале или не одродите на заминување.

Рокот на употреба на оваа северна шклопоција е одминат уште пред скоро две години. Денот на локалните избори беше денот кога набафтана собраните политиканти беа траснати од земја и така делигитимирани и по сите демократски правила, мораше да заминат од власт и да распишат предвремени парламентарни избори. Ок. Тоа ќе беше доколку бевме демократска земја. Арно ама, таква не сме веќе 7 години, па четата корисни идиоти одигра смена на Заев за да демек признаат пораз и го донесоа недемократски избраниот Таче, наттурен, промовиран и насаден од самиот Црпко Први. Црпко Втори, алијас Ќуран, требаше да биде новиот мисир кој ќе им купи време за нови зулуми и доработка на планот за уништување на Македонија. Анонимус кој не го познаваа ниту во маало, не па во партија, амбициозен намќор со желба да стане премиер, опортунист волен да ја продаде и сопствената мајка само и само за да ја оствари нереалата желба и позиција. И така, човечето кое ја презема власта и заора во десет броја поголеми опинци, ни стана премиер.

Тогаш се освести Касами, па дојде Гаши, па дур тој се освести дојде Таравари и така… А, додека чекаме да се освести Таравари, се освестија Македонскиот народ и сите останати граѓани, ама многу. Ги разбуди пробугарскиот наратив на ненародната болумента, ги освестија и отрезнија цените кои скокнаа до небо, ги разбудија смешните платички и уште поминорни пензии, ги продрма ароганцијата на Тренчевки, Бујари, Грубиевци, Тачевци, Маричиќи и компанија, ги штрецна нивната угоеност и недостиг на емпатија кон сопствениот народ, ги сепна неправдата и забеганото судство и обвинителство под капа на Ахметовци и Заевци, ги дамлоса аресивноста и возењето комшиски аута од 80 илјади евра, ги штрекна богатството на новопечените политиканти, ги заболе вината на кабелот во Тетово, ги навреди невиноста на Анѓушевци, Филипчиња, Димовки, Дончевци и Заевци, подзинаа на ручеци од илјадници евра со октоподи и лигњи, ги свести понижувањето и недостиг на образ, чест и достоинство кај властродршците, ги разгиба луксузот наречен лубеница и сонот наречен диња.

Се разбуди и заспаниот омбудсман, кој ко и ќоравата кокошка која ќе колвне по некое зрно, сфати дека смената на личните документи без минат рок треба да ја плати забеганата власт на оние кои самите ја смесија ненародната каша.

Затоа, не промена на документи, драги мои. За да излеземе целосно од антимакедонската, северна каша, потребни се брзи избори, потребна е смена на најнеспособната влада во историјата. Избори за враќање на вистинските вредности, избори за спас на нацијата која тоне во депресија, избори за прекин на понижувањата, избори за оправање на економијата, за спречување на миграцијата на младо и старо, избори за враќање на нозе на образованието, земјоделието, судството.

Избори за спас на честа и достоинството, за спас на историјата која непарадоксално ќе ни ја загарантира и спаси иднината!

Избори за МАКЕДОНИЈА!