среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Срам, резил и арам

Срам, резил и арам

Круша под круша паѓа. Ковачевски под Заев. А за да вториот не трасне силно при падот, првиот амортизираше. Амортизерот и престолонаследник Таче звани Ќуран во Куманово, поставен од муртинскиот монарх Црпко и за да ги амортизира бугарските аздиси и желби. Она, кога ти е толку ќеф што си премиер и преЦедник на антинародна партија, што не знаеш да кажеш НЕ. Саде климаш со главчето. За се’…

Ако очекувавте СДССС, барем, да блефира дека старо-новата владина направија е нешто сосема поинакво од владеењето на Заев, толку омрзнато кај народот, сте се зезнале. Таче веќе вториот ден ја демантираше оваа насушна потреба. Денот кога така триумфално го прифати она „краткото“ име и испрати писмо во ООН, име за кое секој нормален во државата мислеше дека е МАКЕДОНИЈА, а Ќуран да ти се фалел со она на „С“ без Република во него. Следуваше воодушевеноста и паѓањето во транс од „ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ“ пречек во Бугарија, а по него и заедничката прослава на огромниот јубилеј, за Македонците…

Ковачевски без проблем се согласи заедно со Петков да го чествува Гоце. За штетата кон Македонците и Македонија Ќуран не се консултирал ниту со својата подјармена Комисија за историја, чиј предводник гласно залелелка дека Таче го минирал. Да, толку Заевистички, толку антимакедонски, толку непромислено, толку штетнички. И толку очекувано, нели…

Зарем, некој очекуваше анонимусот кој Црпко го промовираше и го шеташе на „упознавање“ по средби како стара мома за женење, човечето кое „ничим изазваним“ стана преЦедник на СДСССС и на Влада, овој незнаен антијунак кој до земја се поклони на „големината“ на Заев, тој да биде поинаков или подобар од својот создател? Јок. Не, никој не го очекуваше тоа. Иако, по искуството со суртукот ЗЗ, кој е дно на дното, очекувавме некој со повеќе усул. Упс, статива…

Македонскиот песимист вели – Не, не може подолу од ова. Оптимистичкиот северџан пак посочува: Може, можееее! И би подолу, секој Божји ден…

Да не се лажеме, овие неолиберални опортунисти не сфаќаат зошто „Гоце е Македонија!“, затоа што ни на крај памет не им паѓа како тоа може да биде оти пустите шаренковци не ја разбираат неговата големина, ниту ја чувствуваат Македонија како нешто големо и свое. Докажано е дека колку и да ламентираат дека се Македонци, за нив ова е само попатна станица кон идиотското и сороспијско „едно општество за сите“ и „заедничката историја“, ступидна квазикосмополитска идеологија во која сите сме анационални и исти, историјата е товар за заедничката им иднината, а патриотизмот е ретроградна стапица за модерниот дух. Дузина глупави и изместени шарени сентенци и фрази кои ги научиле на памет во вечерната Канвас школа и ги верглат ко навиени, се’ и само за да се оправдат пред себе за забеганото предавство на сопствената нација и држава…

Затоа, на лукративните суртуци кои без проблем си го кажуваат она на „С“ не им е никаков проблем да ја стават својата држава во потчинета/подредена позиција, ниту да ги омаловажат и подјармат својата нација, историја и херои. Веројатно, лесно е кога не ги чувствуваш за свои, притоа верглајќи ги заради сопствена ментална хигиена нон-стоп сосроспијските излитени фрази, перејќи се пред себеси. Уште поверојатно, токму затоа и им е толку лесно да ја уништат и минимизираат историјата во образованието. Да ја „зипуваат“, искалемат и сторат „заедничка.“ Не, тоа не е само за да им „учинат“ на Бугарите за да го добијат пустиот, утопијски датум, фолирајќи дека нешто демек работат – па еве добиле и датум. Каков успех, северџанска нирвана….

Не, побитното во уништувањето на историјата како наука и нејзино сведување на три страници во образованието им е поради фактот што колку и да се недоветни и бесрамни, тие добро си знат што таа иста историја утре ќе пишува за нив. Не мора да си Ајнштајн за да сфатиш. По срам и резил, следствено доаѓа арам, велат старите. Националниот бил најтежок,  А тие, старите, не промашуваат. Паталци, не гаталци. Тежок збор, нели – АРАМ, проклетство. И убаво знаат северџаните  на кои страници и со која боја овенчани на нив ќе завршат. Оти, историјата не простува, никому…