Кукавица е светски синоним за плашливец, личност која нема храброст да се соочи со своите дела/недела, па бега од одговорноста, битката, општественото, националното или од военото поле или, пак, се крие под нечиј фустан кога кијаметот се случува. Ве потсетува ова на некого? И како што кукавицата во животинскиот свет е позната по подметнување на своите јајца, кои другите птици на сметка на своите пилиња ќе ги израснат во нови кукавици, така и северните политиканти положуваат па бегаат усвета од подметнатото кукавичјо јајце на антимакедонски договори.
Првата кукавичја направија ја снесе, донесе и изнесе на бел ден Заев во 2017-та година, оној„добрососедскиот“ договор кој стана база на новите македонски негации во 21-от век, основа на национални понижувања, прамајката на Францускиот БУГАРСКИ предлог, стапицата со која Бојчовци и Красимири ќе не мамат да им попуштаме во замена за некаква си демек иднина, идиотски склоп на ујдурми со кои за влез во ЕУ, Македонија сега преговара со Софија, не со Брисел…
Тогаш ултра-плодниот Црпко, кој сега глуми муртински филантроп и оди по стапките на менторот Сорос, следната година снесе уште едно антимакедонско јајце. Го крстија Преспански договор, капитулација ли, кога и сменија име поради тогаш се’ уште младите јаврии, новосеверни кукавици. А златната кокошка за антимакедонски понижувања ликуваше и несеше ли несеше и глупости нон-стоп тресеше. Снесе и двојазичност, албански спикер-командант, снесе и прв вицепремиер и непостоечки министерства, се’ што му побараа си снесе зевзечката носилка. Снесе и кукавичко јајце од милијарди евра задолжувања, кои ќе ги отплаќаат нашите деца. Несеше за сите, само не и Македонците. Ок, тие што беа со и околу него само глумеа дека се од тој род, од лукративни причини.
Новиот најкорисен идиот и негов престолонаследник на без’рбетната антимакедонска сцена беше донесен затоа што Црле се истроши, никој нормален веќе не го сметаше за сериозен политичар, па мораше под итно да се најде достојна замена на црпнатиот кловн. Мислите дека битката за тронот на Муртинхаузен била голема, се потепале комуњарите? Јок. Таква будала тешко се наоѓала, та барателите на Црпко Втори се нашле на голема мака. Замислете само, да најдеш достоен заменик на најнедостојниот, најбедниот и набескруплозниот продавач на национални интереси во светот. Не им било лесно, нели? Се мачеле, туфкале и пуфкале и го црпнале шампионот Ќуран. И би Црпко Втори. Поцрпко, здравје…
И така, со судни маки го ископале најнеспособниот, оверен и со тапија Таче, и го црпнале од финансии, каде и онака саде клател врата и земал плата. Ги исполнувал сите услови, немал трунка македонштина во себе, не го интересирала историја, а амбициозен до коска. Несветото северџганистанско тројство. Во комбинација со Стево Стокиќ и Артан Нежни, станале прекрасно трио. И така, сите северџганистанци биле среќни, им паднал каменот од арамиските раменици, купиле време и нашле достојна замена на недостојниот. Од прва, Таче Црпков се покажал како одличен експонент за квачење на кукавичјото јајце смотано во Француска обланда и наречено предлог. За екстра кусо време „меЏународна“ сфатила дека Ќуран е подобар дури и од Зајко, дека одработува посаглам и побеспоговорно и од довчерашниот северџганистански гуру.
Парадоксално или не, но Ќуран имал задача да снесе кукавичјо јајце за нови перфидни уставни измени и внос на Бугари во него, сето замотано во албанска обланда за албански јазик наместо јазикот на 20% од заедниците кои живејат во Македонија. Од 20% бегале, ама не и од Бадентер и баленсер пустите…
„Интересно“, но во извртениот, забеган свет на фотоволтаичниот Таче, тој под „тешки одлуки“ подразбирал „виткање“ на кичмата, попуштање, менување устав, сервилност, пак, пак и пак. До бескрај и назад. Многу парадоксално, затоа што за безрбетници како него и северната болумента, тоа не е никаков проблем, нели? Она, кога виткаш нешто што никогаш не си го ни имал…
Имале и друга дарба со милувателот на стока Стеки, знаеле во вистинскиот момент да се скријат како „онакви“ под кошула. А им згуснело и се наоѓале во небрано, должноста кон државата и нацијата ги криеле ко змија нозе. Така било и со македонскиот клуб во Бугарија. Политикантските севeрни кукавици измислиле наводни обврски и фатиле усвета по глупости, само и само да не одат во Благоевград. Немале храброст ајваните да одат во Бугарија, за која дури две кукавичји јајца по дома снеле. А страв северна куќа/влада чува, нели? И, го правеле она што најдобро го знаат, избегале, фатиле усвета, се скриле. Дезертирале пустите владејачки марионети, толку силни и агресивни по дома, а толку безрбетни полтрони кога ќе го минат прагот….
Уште поинтересно, истите кукавици милувале да дезертираат и по дома. Не само од војска и во странство. Кога премиерот Петков, госпожа потпретседница и друга бугарска асимилаторска болумента „орала“ по Битола кај македоноубиецот Ванчо Михајлов, Ќуран и Стево пак се скриле под нечиј фустан и дезертирале. Тогаш го го пуштиле во погон миленичето Бугар Османов, со тупето да им го бели образот.
Туку, што мислат Таче Црпков и Стеван Стокиќ? Дека, откако наскоро ќе траснат од власт, ние, македонскиот народ и опозицијата и натаму ќе ги одгледуваме капитулантските антимакедонски јајца снесени од недоносените Црпко Први и Втори на сметка на нашите деца и внуци? Дека сите глупоштии кои така индолентно ги направија без размислување, водени од огромната и ненаситна желба за власт и пари, ќе бидат продолжени и спроведени од следните, освестени генерации? Се надеваат дека никој нема да застане против продажбата на историјата и лицитацијата со светци, цареви, револуционери и дејци со кои некој безобразно уценува влез во некоја утопија? Дека Македонецот нема да се свести и да рече „ДОСТА Е“!
Се’ си има крај, империи паѓале и паѓат, не па инфантилни власти насила натопорени да владејат, ретушираат и редефинират идентитет, историја и нација. Армијата политичари црпнати од кукавичјата северна ергела треба да сфати дека времето на стравот минува. Најсвеж доказ е отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, а претходеа пркосот и палењето/кршењето на бугарските шовинистички провокации во Охрид и Битола, изведени од стамени македонски синови. Уште малку, за будењето ќе треба и фала на бугарските шовинисти да им кажеме.
Да, временската прогноза вели дека следува период во кој ќе биде доумерено облачно со силен македонски ветер, местимични врнежи на град и кршење јајца на кукавици…